top of page

Официјално пуштена во употреба урбаната заедница “Расадник”

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, раководителот на секторот за месна самоуправа во општината, Марјан Стојанчевски и претседателот на советот на урбаната заедница “Расадник”, Драган Ласков вчеравечер официјално го пуштија во употреба новиот објект на оваа урбана заедница и реализираа средба со граѓаните од оваа населба.


Урбаната заедница “Расадник” е 15-тата урбана заедница која се организира во Општина Кисела Вода, со која се овозможува демократско и поефикасно исполнување на интересите на граѓаните од овој дел од општината.


Просторијата на урбаната заедница беше премала да ги собере сите граѓани кои сакаа да присуствуваат на средбата со градоначалникот и да слушнат за тековните и идните проекти на општината во овој реон.

Тие изразија задоволство и благодарност за изградбата на детското и спортското кошаркарско игралиште во населбата, а се интересираа и за носењето на новиот детален урбанистички план и поставувањето на подземните контејнери.

Градоначалникот Беличанец – Алексиќ ги информираше жителите дека следен детален урбанистички план кој се подготвува и кој во скоро време ќе биде достапен за граѓаните во форма на предлог-план, ќе биде токму планот за Расадник и најави дека истиот ќе се донесе во дослух со потребите на граѓаните, особено во делот на исполнување на стандардите за зелени површини, детски игралишта и проекцијата, односно ставката на популација на жители на квадратен метар.


Истовремено, најави дека во соработка со ЈП “Комунална Хигиена” – Скопје во следниот период планираат поставување на подземни контејнери на една локација во оваа населба, а најави и дека во следниот период ќе има акција за отстранување на хаварисаните возила.

“Имајќи во предвид дека станува збор за нова и урбана населба, во следниот период ќе поставиме нова урбана опрема, детски реквизити и чешмички, со што дополнително ќе го облагородиме просторот” – најави градоначалникот Беличанец – Алексиќ.

1275970_520063438079551_1880910499_o.jpg
bottom of page